Драстично намален бројот на заболени од грип

10.02.2017 15:51

Се намалува бројот на новозаболени од грип. Сепак, надлежните не ја отфрлаат можноста повторно да има нагорен тренд, но сметаат дека пикот е надминат. Остануваат препораките за превенција...

Драстично е намален бројот на новозаболени од грип во земјава. Минатата недела биле регистрирани околу 560 пациенти или двојно помалку од претходната. Но, епидемиолозите предупредуваат- сезоната на грип не е завршена.

„Вирусот на инфлуенца е еден од најинтересните микросуштества на земјината топка. Подложен е на брзи измени, понекогаш тие се помали измени, па имаме промена само во под типот. Евентуална промена на доминирачкиот АХ3Н2, кој е под тип на инфлуенца а, кој што и во Европа е најчест повеќе од 99 насто е досега изолиран исто како и кај нас, можно е да даде нов бран со различен интензитет“, изјави д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог.

Епидемиолозите велат, за брзото опаѓање на бројот на заболени придонесе и продолжениот зимски распуст на учениците. Најголем дел од заболените изминатава недела се пациенти на возраст од 15 до 64 години. Најмногу грипосани се регистрирани во Охрид, Прилеп, Струмица и Куманово.

Од почетокот на сезоната од грип се разболеле околу 33.500 граѓани, а две деца на возраст од три и четири години починаа од компликации предизвикани од вирусот.

 

Андријана Атанасовска