Продолжува блокадата, штети трпат и превозниците и компаниите
Македонските транспортери бараат поддршка од меѓународните асоцијации за деблокирање на граничните премини. Штети трпат и превозниците и компаниите, алтернативните рути ги зголемија трошоците. Дополнителни главоболки предизвикуваат најавите на грчките земјоделци за радикализација на протестите. Попладнево, блокада и на патот што води кон преминот Дојран...

Грчките фармери се на чекор од радикализација на протестите. Граничниот премин Евзони сè уште е затворен за сообраќај, а камионите се пренасочуваат кон граничниот премин Дојрани, иако патот кон него беше блокиран 2 часа. Единствено функционираше преминот Меџитлија кој е отворен за сообраќај.
Од Комитетот за координација на протестите не ја исклучуваат можоста блокадата на Дојрани да продолжи на неодредено време, што ќе зависи од штрајкувачите кои се заканија дека се подготвуваат и за блокирање на железничката линија кај Идомени. Македонските транспортери се снаоѓаат како знаат и умеат, преку споредни локални патишта, за да стигнат до граничниот премин Дојрани, вели за „Бизнис 365“ Билјана Муратовска од „Макамтранс“. За жал се чека до 30 часа за влез во земјава.
„Сега со овој застој, проблемот е во тоа што немаме од каде да ги надоместиме сите тие штети кои ќе ги претприпе. Колоните се долги околу 3-4 километри, што значи дека превозниците чекаат во место од 20 до 30 часа, додека претходно тие превози ги вршеле за два дена- еден ден ако им требало да одат до Солун, да товарат стока, да дојдат и да растоварат. Сега губиме многу повеќе“, изјави за „Бизнис 365“, Билјана Муратовска од „Макамтранс“.
Македонската бизнис заедница апелира до грчките колеги да реагираат кај Владата во Атина да најде решение со што ќе се елиминираат блокадите, затоа што штетите растат и на двете страни од границата.
„При ваков вид на блокади на патиштата, освен штета за компаниите, тоа претставува штета и за економијата. Негативно се одразува врз работењето на македонските компании, меѓутоа исто така негативно се одразува и на работењето на грчките компании. Потребно е да се изнајде што е можно побрзо решение за овој проблем, од грчка страна, бидејќи проблемот е кај нив, ние со ништо не сме придонеле за ваквата состојба“, вели извшрниот директор на ССК, Митко Алексов.
Реагираа и од СИЗ Македонија сообраќај- АМЕРИТ. Од Меѓународната унија за патен сообраќај ИРУ, побараа интервенција кај грчките власти, како и почитување на ТИР конвенцијата и другите меѓународни договори.
Според државната статистика, Грција е на четврто место на листата на најголеми македоснки трговски партнери. Лани размената надминала 660 милиони американски долари. Нашиот извоз изнесувал 163, а увозот 497 милиони долари.
Свето Николовски
