Попоски: Македонија го зачува Шенген договорот
Македонија е клучен фактор во зачувување на Шенген договорот. Европскиот проект е премногу важен за нас, порача министерот за надворешни работи Попоски од јужната граница. Додаде дека малку сме добиле од Унијата, но интеграцијата е важна за земјава. Заедно со австрискиот колега Себастијан Курц, инаку претседавач со ОБСЕ, беа на јужната граница.

Македонија одигра клучна улога за зачувување на Шенген договорот, дадовме и повеќе од потребното за спречување на илегалната миграција која во енормно голем број бараше влез кон Европа, рече министерот за надворешни работи на државата, Никола Попоски при посетата на јужната граница заедно со шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц. Го посетија граничниот камен 59 кај Македонско- грчката граница, каде пред повеќе од една година се одвиваше најголемиот проток на бегалци низ Балканската рута. Според Попоски, остварената соработка со повеќе членки на ЕУ, вклучително и Австрија, беше оној момент кој ѝ овозможи на Грција да ги заштити на подобар начин своите граници.
„Тука го видовме и најлошото искуство од аспект на соработка меѓу двете држави, но и најдоброто искуство кое денеска покажа дека со таа соработка успеавме Грција да ја направиме помалку атрактивна и да спречиме неконтролиран бран на нелегална миграција кој минуваше преку Балканот“, изјави министерот Попоски.
Австриско- македонската делегација заедно со претставниот на ОБСЕ во земјава беа во селото Моин на падините на Кожуф, до каде се протега жичаната ограда која почнува во Дојранската област. Попладнево имаа средба во Министерството за надворешни работи.
Упатувајќи благодарност за улогата на Македонија, австрискиот министер ја нагласи австриската надворешна политика кон земјава, стабилна Македонија, одличен пример во справувањето со мигрантската криза. Затоа Австрија упати контингент од 20 полицајци како дел од меѓународната безбедносна група за да им помогат на макеонските колеги и војници во запирањето на имиграцијата.
Граничниот камен 59 меѓу Македонија и Грција каде што проаѓа пругата од Солун кон Скопје е нем сведок на миграцискиот бран на повеќе од еден милион луѓе кои низ нашата земја минаа кон земјите на Западна Европа. Границата е запечатена, бранот е запрен, во сила до крајот на јуни годинава е вонредната состојба на северната и јужната македонска граница .
Мигрантската криза е сѐ уште една од главните теми во Европската унија, а нашата држава се наоѓа на Западно- балканската рута која сега е запечатена благодарејќи на заедничките напори на македонската полиција и војска, но и на странските контингенти, полицајци од унијата и од Србија. Меѓу контингентите е и австрискиот, кој патролира долж границата со Грција.
Во транзитно- прифатниот центар „Винојуг“ има 68 мигранти од Ирак, Иран и Сирија.
Во последно време се заобиколува нашата држва а мигрантите се обидуваат да стигнат до европските земји преку Албанија и Косово.
Минатата недела, 16 земји од ЕУ со Македонија и Србија предводени од Австрија, се договорија да направат акциски план што ќе треба да профункционира од април за целосно спречување на миграцијата долж Западно- балканската рута.
Ана Јосифоска- Тодоровска
