Охридско Езеро: Да се заштити богатството од ендемски видови

13.02.2017 10:47

Нивото на Охридското Езеро според УХМР е во границите на дозволениот минимум. Сепак научната јавност предупредува на внимателност, бидеќи секоја варијација на водостојот за потребите на хидроцентралите му нанесува огромни штети на живиот свет, од кој голем дел се ендемски видови.

Малку езера во светот се постари од милион години, а меѓу нив се вбројува и Охридското Езеро. Експертите утврдија дека е старо еден милион и деветстотини илјади години и дека со своите над 200 ендемски видови претставува жив музеј од светска важност. Обврска повеќе добро да се грижиме за овој уникатен еко-систем.

„Нема на подрачјето на Европа ниту еден друг локалитет каде што можете да ја видите еволуцијата на просторот во Медитеранот во последните 5 до 6 милиони години“, изјави Блажо Боев, ректор на Универзитетот во Штип.

Германските геолози што работеа на утврдување на староста на езерото се согласни дека тоа претставува референца за компаративни анализи и за верификација на климатските модели во овој дел на Европа.

„Од целокупната вулканска активност што се случувала на овој простор се наоѓаат записите во Охридското Езеро, тоа е едно огромно богатство кое треба да се стави на услуга на науката“, вели Боев.

Причина повеќе Охридското Езеро да не се користи како акумулација бидеќи сите научници се согласни дека секоја нагла промена, што се случува со децении наназад за да се задоволат потребите за производство на електрична енергија, најмногу се манифестира на крајбрежниот појас, што претставува најважниот дел од езерскиот еко-систем.

 

Сашо Нелоски