Вештачкото оплодување во подем

13.02.2017 10:55

Стресот, исхраната, намалената физичка активност се најголеми причини за да не се зголеми семејството по природен пат. Сѐ повеќе двојки во Македонија бараат спас во ин витро оплодувањето. Одложувањето на одлуката, кога да се стапи во заедница и кога да се има потомство, дополнително го отежнуваат проблемот.

Расте бројот на брачни двојки кои не можат да го зголемат семејството по природен пат и затоа се надеваат на успешно ин витро. Стресот, исхраната, намалената физичка активност- модерниот начин на живот дополнително предизвика намалување на  плодноста.

„Голем дел од денот го посветуваме на професијата, на работното место, сѐ помалку има слободно време. Одложувањето на одлуката кога да се стапи во заедница и кога да се има потомство е одлука што се донесува  се почесто во поодминати години“, изјави д-р Владимир Трајковски, гинеколог- акушер.

Зачеток за нов живот- ин витро оплодувањето е надеж повеќе за голем број  двојки. Од 2010- та до сега фондот одобрил над 10 илјади ваучери за ова оплодување.

Не го трошете го времето - апел од докторите до брачните двојки кои не можат да имаат дете по природен пат. Плодноста е голем проблем во земјава, затоа се поголем број луѓе се решаваат на биолошки потпомогнато оплодување.

Успешноста на овој вид оплодување е условено и од возраста на сопружниците- вели доктор трајковски.

„Поуспешни се ин витрата кај помладите двојки и кај оние со полесни нарушувања на плодноста. Потешките нарушувања го симнуваат процентот. Успешноста на ин витрото е околу 30 до 40 насто“, вели д-р Трајковски.

Се проширија можностите за повеќедетно семејство преку ин витро. Од година в година расте бројот на доделени ваучери од Фондот за второ, трето и за четврто дете.

 

Андријана Атанасовска