МОН: Во првото полугодие реализирани над 5 илјади советувања на родители на ученици

13.02.2017 13:14

Целта е, велат од ресорот образование, поголема вклученост и заитересираноста на родителите во воспитно образовниот процес.

Во првото полугодие од учебната година се реализирани над 5 илјади советувања на родители, поради намалениот успех на учениците. Целта е, велат од ресорот образование, поголема вклученост и заитересираноста на родителите во воспитно образовниот процес.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска на прес-конференција рече дека причина за најголем број од советувањата во првото полугодие, односно 3.380, била намалениот успех кај учениците. По бројност следуваат советувањата поради нередовност на настава (1.425) и 312 советувања биле поради несоодветно однесување на училиште.

Во изминатиот шестгодишен период биле реализирани  вкупно 75.000 советувања, од кои поголем дел, односно 41.500, биле на родители на ученици во средно образование. Најчеста причина за советувањата била намален успех во учењето, за што биле спроведени околу 45.500 советувања.

Според Ристовски, се работи за системска мерка со исклучително значење за чии ефекти голем придонес има и ангажираноста на родителите. Од советувањата кај средношколците највидливи се резултатите во зголемување на нивната редовност на настава, а кај основците најмногу резултати имало во подобрување на нивните оценки.