Оровил: Евакуирани речиси 200.000 луѓе поради попуштање на најголемата брана во САД
Над 180.000 луѓе во Северна Калифорнија се евакуирани поради опасност од преплавување на најголемата брана на САД. Ова е прв пат во 50 години, жителите на Оровил да се соочат со ваква закана.

Скоро 200 илјади луѓе во градот Оровил се евакуирани поради опасност од пукање на најголемата брана во САД како резултат од поројните дождови. Ова е прв пат во 50 години грамадната структура да биде ослабната до степен на критична состојба. Минатата недела, инженерите во Калифорнија почнаа да испуштаат вода од акумулациското езеро бидејќи забележале дека на браната недостасуваат големи делови од бетон.
„Моравме да ja спречиме ерозијата на земјиштето. Правиме се што можеме за да го заштитиме населението. Ова е остварливо преку соработката на повеќе служби“, изјави Бил Кројл.
„Опасноста е голема. Можно е да биде поплавен регионов, многу сме загрижени“, изјави Ерик Си.
Во Оровил живеат околу 16.000 жители. Браната е висока 230 метри, и е изградена во периодот меѓу 1962 и 1968 година. Пред една деценија, неколку организации за заштита на животната средина предупредиле дека преливникот е стар и треба да се зајакне со бетон, а не само водата да се испушта низ недоволно регулираниот терен на ридот на источната страна од браната. Но, поради долготрајната суша во Калифорнија, властите не очекуваа нагла промена на временските услови и закана од прелевање на водата од највисоакта брана во САД.
Маја Филдишев
