Нема промени во договорот со Филип Морис
06.02.2014 16:47
Рамковната конвенција за контрола на тутунот нема никакво директно влијание врз договорот на прилепскиот Тутунски комбинат со Филип Морис...

Рамковната конвенција за контрола на тутунот нема никакво директно влијание врз договорот на прилепскиот Тутунски комбинат со Филип Морис, уверува раководството на комбинатот. Договорот е во завршна фаза и нема никакви директни импликации.
„Директно нема никакво влијание. Меѓутоа, не го знаеме исходот кои земји ќе прифатат и дали ќе биде обврска. Директно нема никакво влијание, ништо не се менува“, вели Александар Дерменџиев, генерален директор на Тутунски комбинат Прилеп.
Индиректните импликации може да се јават откако ќе почнат ефектите од прометот на цигарите, објаснуваат од комбинатот. Договорот завршно се преоценува со последните усогласувања меѓу двете страни.
„Работиме интензивно на усогласувањето на, условно кажано, спорните точки, предложени од договорот“, вели Дерменџиев.
Договорот на комбинатот со стратегискиот партнер Филип Морис е на цврсти нозе и за еден месец ќе се ефектуира. А за производителите, тутунот е егзистенцијално и животно прашање.
„Тутунот нераскинливо останува врзан со егзистенцијата. Од тоа живееме, ако намалиме, ќе се намали буџетот. Тутунонопроизводството е најголемата егзистенција за прилепскиот крај. Мора да се сади. Без тутунот не можам, од него живеам“- велат тутунарите.
Министерството за земјоделство уверува дека државата ќе продолжи да ги поддржува тутунарите и да го субвенционира производството. Од тутунот живеат 40 илјади семејства во земјава. За компаниите е рано да ги прават анализите за новата реколта.
Елизабета Митреска
