Цистерни со нафта низ Меџитлија, блокадите на Евзони продолжуваат

13.02.2017 15:55

Граничниот премин Евзони сè уште е затворен за сообраќај. Грчките земјоделци се подготвуваат за протест. За утре е најавен масовен штрајк, што треба да се одржи во Атина. За да се избегне нафтена криза, на Меџитлија веќе се пропуштаат цистерни со деривати и нафта. Македонските транспортери минуваат стотици километри повеќе за да стигнат до овој граничен премин.

По над двонеделните блокади на граничните премини Евзони и Дојран, во меѓуграничниот простор на Меџитлија, долга е колоната на тешките товарни возила. Актуелната состојба наложи да се направат отстапки во транспортот на акцизните стоки.

До петти март ќе бидат подигнати рампите на граничниот премин Меџитлија за транспорт на нафтените деривати. По неколкудневното патешествие возачот Илија Тодевски претпладнето влезе на наша страна со цистерната во која превезува екстра лесно гориво.

„На Евзони ниту се обидов, ме препратија на Дојран, таму чекав два дена, па потоа тргнав кон Меџитлија. До донесувањето на одлуката и тука чекав уште два дена, па еве јас сум првиот што со цистерна влегува на македонска страна“, вели возачот Илија Тодевски.

По ваквата одлука се очекува гужвата да се зголеми. Но, колоната и така е долга затоа што се забележуваат тешки товарни возила што превезуваат и други стоки. Возачите велат, маневрирањето од една до друга страна, ќе ја намали рентабилноста.

„Двојно километри возам спрема Евзони и Дојран, но морам засега овој премин работи. Трошоците се зголемени, ама мора да се работи“, вели возач на товарно возило.

„По таа релација имаме 350 километри, вака имаме 650 колиметри“, вели негов колега.

Велат, зсега нема проблеми по патот, но и од оваа страна има раздвиженост на грчките земјоделци.

„Возев цело време и немаше некои провокации, но на некои места покрај патот се забележува присуство на земјоделска механизација“, вели друг возач на тешко товарно возило.

Од граничниот премин Меџитлија потврдуваат дека за неколку пати е зголемен на влез бројот на тешките товарни возила. Службениците на полицијата и царината засега се флексибилни и чекањето за влез е во рамките на нормалните процедури.

 

Стевче Митревски