Партиите тактизираат, повиците за брзо формирање влада продолжуваат

13.02.2017 16:13

Меѓусебна комуникација има, но не и многу информации за собирањето потписи за мнозинство во Собранието. Партиите тактизираат. Францускиот амбасадор оценува – државава не е во криза, но не треба да се губи време за формирање влада.

Повиците за брзо формирање влада продолжуваат, партиите сѐ уште затворени на внатрешни консултации, но, и за подетални информации за јавноста. Од СДСМ велат дека има меѓусебна комуникација, но, не и средби и разговори на повисоко ниво. ДУИ ги чека од Бихаќка писмените гаранции за да реши за евентуален договор за коалицирање.

Меѓу двете полувремиња, францускиот амбасадор Тимоние со порака дека е добро за земјата да се формира влада кога изборите минаа во фер и демократска атмосфера. Тој смета дека Македонија не е во криза, и важно е да преовладува мир и да нема конфронтации, бидејќи во спротивно сите би изгубиле.

Гостиварскиот градоначалник и потпретседател на ДУИ, Невзат Бејта, кој беше домаќин на Тимоние, е од крилото кое не е за коалиција со доскорешниот партнер ВМРО-ДПМНЕ и кое преговара со Социјал-демократите. Вели дека новата влада треба да биде прифатлива за мнозинството граѓани.

Тимоние се сретнал и со Ахмети. Во соопштението по средбата се вели дека лидеот на ДУИ се осврнал на преговорите со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. „Ние не се брзаме, но сакаме да се осигуриме дека очекувањата на граѓаните ќе се исполнат, заедно со разгледувањето и расветлување на оспорените случаи како Монструм, Сопот, Куманово, и прислушкувањата“, рекол Ахмети.

Во телевизиско интервју викендов, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски изјави дека не можел да се согласи со двојазичноста и останува на ставот дека излезот од сегашната состојба е во нови предвремени парламентарни избори.

 

Миле Ристески