Расте бројот на туристи, потребна е поголема промоција
Бројот на туристи во Македонија во 2016 година се зголемил за пет проценти, покажуваат денешните податоци на државниот Завод за статистика. Од Здружението за угостителство и туризам велат оти политиките даваат резултат. Посочуваат оти е потребно субвенциите навреме да се исплаќаат, како и да се организира директно претставување на домашните тур-оператори.

Политиката за поддршка на туризмот дава резултати- велат од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора. Сепак, сметаат дека се потребни нови чартер линии, промоција на автокапмовите и поголема комуникација меѓу приватниот и јавниот сектор.
Најголемиот број на туристи кои ја посетуваат Македонија, во просек се задржуваат неполни 3 ноќевања. Од Здружението апелираат да се искористат претставниците на големите тур- оператори за подобро промовирање на земјава.
Според податоците на Заводот за статистика, во 2016 година, Македонија ја посетиле речиси 857.000 туристи, за 5 проценти повеќе од претходната година. Бројот на ноќевања е зголемен за 2,8 отсто.
Лани најбројни биле гостите од Турција, а по бројот на ноќевања биле холанѓаните.
Дијана Ценевска
