ЕК: Македонија годинава со раст на БДП од 3,2 проценти
Македонија годинава ќе оствари раст на бруто-домашниот производ од 3,2 насто, а в година ќе забрза на 3,6 насто- соопшти Европската комисија во најновата, зимска прогноза. Според проекциите, невработеноста во земјава ќе продолжи да се намалува до 23,2 насто годинава и 22 насто во 2019. Брисел очекува да продолжи европското економско заздравување.

Според прогнозата на Европската комисија годинава, Република Македонија се очекува да забележи економски раст од 3,2%. Тоа би бил шести резултат во Европа зад Романија која е лидер со 4,4% раст на БДП. Втор е Луксембург, а потоа следуваат Малта, Унгарија и Ирска, додека на шестата позиција се рангирани Македонија и Полска, со идентична прогноза за раст од 3,2%.
За в година од Македонија се очекува подобрување на перформансите и раст од 3,6%, што заедно со Словачка би бил втор резултат во Европа. Анализата на потенцијалот на македонската економија покажува дека може да се очекува намалување на стапката на невработеноста до 23,2% годинава, односно 22 насто во 2018-та. Европската комисија во зимската економска прогноза, презентирана денеска во Брисел, очекува безмалку раст кај сите земји членки, а во еврозоната 1,8 % во оваа и во наредната година.
„Европската економија се покажа отпорна на многубројните шокови што ги доживеа во текот на изминатата година. Растот се држи нагоре (во позитива), а невработеноста и дефицитот се движат пониско. Сепак, повисокото ниво е неизвесно, и што е поважно ги користиме сите алатки на политиките за поддршка на растот. Пред сè, ние мора да се осигураме дека благодетите од растот ќе се почувствуваат во сите делови на еврозоната и во сите сегменти на општеството“, изјави Пјер Московици, еврокомесар за економски и финансиски прашања, даноци и царина.
Оваа предвидување е за нијанса повисоко во однос на есенското, што е резултат на подобрите перформанси од очекуваните во втората половина од минатата година и релативно добриот старт на европската економија на почетокот од 2017-та.
Што се однесува до македонската економија се предвидува подинамичен раст на извозот од 7,7% годинава, додека увозот би растел побавно, со 5,8%. Се нагласува придонесот на домашната побарувачка кон растот и враќањето на довербата на инвеститорите по периодот на долготрајната политичка криза.
Соодносот на дефицитот и БДП се очекува постепено да се намалува во 2017-та и 2018-та, главно на сметка на силната динамика на раст, се вели во Зимската прогноза на Европската комисија.
Свето Николовски
