Средба Трамп- Трудо: САД и Канада не се согласуваат за имиграцијата
Соединетите Американски Држави и Канада имаат одлични односи како соседи, но нивниот пристап кон имиграцијата и трговските договори се разликуваат. Ова било констатирано на средбата во Белата куќа меѓу канадскиот премиер Џастин Трудо и неговиот домаќин, американскиот претседател Доналд Трамп.

Соединетите Американски Држави и Канада се согласуваат дека борбата против тероризмот е неопходна за безбедноста во двете соседни држави, но не се согласуваат за имиграцијата. На средбата во Белата куќа, канадскиот премиер Џастин Трудо истакнал дека Канада ќе продолжи да прима имигранти од Сирија и други држави кадешто има терористички организации, додека американскиот претседател Доналд Трамп смета дека привремена забрана за влез е неопходна за проверка на имигрантите.
„Мораме да креираме граници. Треба да ги пуштаме луѓето коишто ја сакаат нашата држава. Сакам да го направам тоа и ќе имаме голема отворена врата за луѓето коишто сакаат да дојдат овде. Не смееме да пуштаме лоши луѓе внатре. Нема да го дозволам тоа за време на оваа администрација“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
„Последната работа што Канаѓаните ја очекуваат од мене е да дојдам овде и да држам предавања на друга држава како да владеат дома. Мојата улога и одговорност е да продолжам да владеам на начин што го рефлектира канадскиот пристап како позитивен пример за светот“, изјави канадскиот премиер Џастин Трудо.
Канада и Америка се трговски партнери, но во разговорите Трамп ја изложил својата намера на канадскиот премиер да преговара за трговскиот договор НАФТА, што ќе овозможи дополнителни трговски врски и работни места во двете држави. За време на средбата на двајцата државници со жените бизнисмени од Канада и Америка било констатирано дека жените бизнисмени играат голема улога во економскиот развој на САД и Канада.
На прес конференцијата во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека најголема закана по националната безбедност на Америка се Северна Кореја и случувањата на Блискиот Исток. Тој најави мерки против Северна Кореја како одговор на тестирањето проектили.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
