„Пејчиновиќ“ ќе се обновува
Тетовските гимназијалци денеска одбија да одржат настава во објектот во кој вчера падна дел од таванот...

Тетовските гимназијалци денеска одбија да одржат настава во објектот во кој вчера падна дел од таванот. Побараа од раководството на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ да им обезбедат нови простории во кои ќе продолжат да учат.
„Учениците се во право, зошто ова што се случи е навистина кулминација на она што досега го преживувавме сите, и учениците и ние што работиме со нив“, изјави Дракче Ѓорѓески – помошник директор во гимазијата „Кирил Пејчиновиќ“ – Тетово.
Министерот за образование Спиро Ристовски изјави дека во училиштето е неопходна целосна реконструкција, но повика настанот да не се злоупотребува и политизира.
„Министерството за образование и наука пред два дена го заврши делот од тендерската постапка за целосна реконструкција и санација на тоа училиште“, изјави Спиро Ристовски – Министер за образование.
Инспектори од локалната самоуправа извршиле увид и ја констатирале оваа состојба. Градоначалникот Арифи вели дека додека траела тендерската постапката за обнова на објектот, општината неколкупати интервенирала.
„Додека тече таа постапка, ние како општина и гимназијата со сопствени средства во текот на зимата интервениравме скромно колку што се можностите“, вели Теута Арифи – Градоначалник на општина Тетово.
Гимназијалците најавија дека и утре нема да одржат настава. На училиште ќе дошле со нивните родители во потрага по привремено решение, додека не им се обезбедат соодветно услови.
Автор: Зоран Јованоски
Снимател: Даниел Евросимоски
