Останува во сила наредбата за евакуација од реонот на оштетената брана во Калифорнија

14.02.2017 11:56

Предупредување за ваков проблем било дадено од неколку здруженија за заштита на животната средина уште пред една деценија...

Останува во сила наредбата за евакуација на 200.000 лица во градот Оровил поради напукнувањето на највисоката брана во САД. Преместени се и околу 500 затвореници од затворот во округот Бут во соседниот округ Аламида. Калифорниските власти ја испуштаат водата од вештачкото езеро за да го намалат притисокот врз оштетениот преливник.

„Потресени сме сите. Многумина не знаат што да прават. Вознемирени сме сите, и децата се вознемирени, зашто не може да прават што сакаат. Не знам дали е безбедно. Тоа е проблемот. Постои можност се да биде уништено кога ќе се вратиме“, вели Џолин Хул, евакуирана жителка на Оровил.

„За некого ова е прво соочување со катастрофа. Исплашени се и во шок зашто мораат да си одат од дома“, вели Метју Маркез, вработен во Црвениот крст.

Предупредување за ваков проблем било дадено од неколку здруженија за заштита на животната средина уште пред една деценија. Но, поради долгогодишната суша, властите не очекувале дека наскоро би можело да се зголеми нивото на водата и да се загрози безбедноста на браната во Оровил.