Се набавува современа терапија за болните од рак

14.02.2017 13:30

Веќе се применуват цитостатиците за рак на бубрег и на кожа, а ќе се набавуваат уште четири вида. Со овие цитостатици ќе бидат опфатени околу 200 пациенти.

На Клиниката за онкологија се набавува современа терапија за лекување на малигни заболувања. Веќе се применуват цитостатиците за рак на бубрег и на кожа, а ќе се набавуваат уште четири вида. Со овие цитостатици ќе бидат опфатени околу 200 пациенти. Клиниката од Фондот за здравство доби зголемен буџет за оваа намена. Дополнителни средства се обезбедени и од ресорното министерство и од Агенцијата за лекови.

Министерот за здравство, Никола Тодоров, посочи дека терапијата за рак на кожа, што чини околу 8.000 евра месечно и за рак на бубрег, што чини околу 3.000 евра, а пациентите претходно морале сами да ја набавуваат, сега е достапна и тие ја добиваат бесплатно во рамки на здравственото осигурување. Нагласи дека сите пациенти кои ќе ги исполнат условите за добивање на овие терапии согласно меѓународните протоколи и треба да ги примаат овие лекови, ќе ги примаат и ќе бидат опфатени.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Стефановски рече дека воведувањето на новата терапија значи приклучок со светските трендови на фармацијата, како и дека некои од овие лекови се измислени пред само три години, што значи дека Македонија е една од првите земји во регионот што ја воведува оваа терапија.