Годинава изградба на рекорден број патишта

14.02.2017 14:37

Со истото темпо продолжува изградбата на патната инфраструктура, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски. Годинава ќе се обновуваат 40-ина патишта. Се проектираат два нови автопата, планиран е и почеток на изградба на три нови експресни патишта. Се работи и на регионалната патна мрежа.

2017-та ќе биде година во која ќе се гради или обновува над 200 километри автопатска мрежа во Македонија- вели министерот за транспорт, Владо Мисајловски. Објави дека ќе се проектираат двете нови делници од Гостивар до Кичево и Скопје- Блаце, а ќе се отпочне и со изградба на три нови експресни патишта во должина од над 100 километри, инвестиција вредна 250 милиони евра.

„Во делот на експресните патишта планираме иградба на три нов експресни патишта, и тоа од Штип до Кочани, кој ќе започне со градба на почетокот од градежната сезона, потоа од Штип до Радовиш и од Ранковеце до Крива Паланка, кои ќе почнат да се градат во првиот квартал од годинава“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Во делот на регионалната мрежа во моментов се работи на четири регионални патишта, а ќе се почне со изградба и реконструкција на уште 37, за што се вложуваат над 55 милиони евра.

„ЈП за Државни патишта ќе ги рехабилитира најоштетените делници, односно возните ленти на патиштата Петровец – Миладиновци, дел од клучка Петровец, дел од патот Петровец – Хиподром, Сарај – Групчин и Богородица – Гевгелија “, изјави Александар Стојанов, директор на ЈП за Државни патишта. 

Годинава треба да финишира изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица, ќе продолжи да се работи и на Скопје Штип и Кичево Охрид, а превидено е да се санираат и 47-те улици што беа уништени во поплавите.

 

Игор Панов