Оровил се претвори во град на духови

14.02.2017 15:09

Американските власти се оптимистични околу можноста да се спречи огромна катастрофа доколку попушти браната од надојдената вода, која полека се повлекува. Калифорниските власти ја испуштаат водата од вештачкото езеро за да го намалат притисокот. Сепак, опасноста е се уште присутна, а за утре е најавена нова бура...

Околу 190 .000 луѓе се евакуирани од областите околу највисоката брана во САД, недалеку од градот Оровил во Северна Калифорнија. Американските власти се оптимистични околу можноста да се спречи огромна катастрофа доколку попушти браната од надојдената вода, која полека се повлекува. Калифорниските власти ја испуштаат водата од вештачкото езеро за да го намалат притисокот. Сепак, опасноста е се уште присутна, а за утре е најавена нова бура.

Потресени сме сите. Многумина не знаат што да прават. Вознемирени сме сите, и децата се вознемирени, зашто не може да прават што сакаат. Не знам дали е безбедно. Тоа е проблемот. Постои можност се да биде уништено кога ќе се вратиме“, изјави Џолин Хул евакуирана жителка на Оровил.

За некого ова е прво соочување со катастрофа. Исплашени се и во шок зашто мораат да си одат од дома“, вели Метју Маркез, вработен во Црвениот крст.

Градот во подножјето на браната е целосно празен. Многу од жителите имале само неколку минути време да се подготват да го напуштат градот. Дел од нив ја опишуваат ситуацијата како целосен хаос. Затворени се продавниците, отворени се засолништа, а полицијата поставила и барикади.

Неколку здруженија за заштита на животната средина уште пред една деценија предупредиле дека може да дојде до ваков проблем, но поради долгогодишната суша, властите не очекувале дека наскоро би можело да се зголеми нивото на водата и да се загрози безбедноста на браната во оровил.

 

Марина Автовска