Нови шест бесплатни терапии за малигни заболувања

14.02.2017 15:15

На Клиниката за онкологија се набавува современа терапија за лекување на малигни заболувања. Веќе се применуват цитостатиците за рак на бубрег и на кожа, а ќе се набавуваат уште четири вида. Со овие цитостатици ќе бидат опфатени околу 200 пациенти. Клиниката од Фондот за здравство доби зголемен буџет за оваа намена. Дополнителни средства се обезбедени и од ресорното министерство и од Агенцијата за лекови.

Нови шест бесплатни терапии за малигни болести се воведуваат на Клиниката за онкологија. Цитостатиците за карцином на кожата и на бубрезите се достапни веќе неколку месеци.

Досега пациентите за терапија за рак на кожата плаќале по 8 илјади евра, а терапијата за карцином на бубрег чинела 3 илјади евра. Ќе се набават уште четири вида цитостатици неопходни за терапии за пациентите кои имаат рак на црниот дроб, дебелото црево, два лека за рак на бели дробови и за рак на дојка.

Овие медикаменти не биле на позитивна листа досега, а болните ги набавувале од странство. Со нив ќе се овозможи поефикасно лекување и продолжување на животот на пациентите, во некои случаи и нивното излекување, велат лекарите.

Со воведувањето на новите терапии се следат светските трендови на фармацијата. Некои од нив постојат само неколку години. Македонија е една од првите земји во регионот што воведува вакви терапии, велат надлежните.

Агенцијата за лекови во соработка со Министерството за здравство досега обезбедила средства во износ од 61 милион денари за набавка на овие лекови.

 

Наташа Гркова- Петрушевска