Поднесени 318 амандмани на резолуцијата за Македонија во ЕП

14.02.2017 15:49

Најголемиот број од амандманите, очекувано се од грчките и бугарските европратеници, кои редовно бараат целосно бришење на терминате Република Македонија и придавката Македонски, а на кои оваа година им се придружија и социјал- демократите Кнут Флекештајн и Тонино Пицула.

Вкупно 318 амандмани се поднесени на предлог резолуцијата за нашата држава во Европскиот парламент. Најголемиот број од нив, очекувано се од грчките и бугарските европратеници, кои редовно бараат целосно бришење на терминате Република Македонија и придавката Македонски, а на кои оваа година им се придружија и социјал- демократите Кнут Флекештајн и Тонино Пицула. Тие бараат и одземање на препораката на ЕК за одпочнување преговории со ЕУ, односно истата да биде условена со целосно исполнување на договорот од Пржино и итните реформски приоритети.

Од друга страна, европратениците од Европските народни партии, Едурад Кукан, Кристијан Дан Преда и Туне Келам, инсистираат во извештајот за Македонија да стои дека Европарламентот ја потврдува својата недвосмислена посветеност на процесот на пристапување на ЕУ на Република Македонија, како и дека ЕП изразува силна посветеност на интеграцијата во ЕУ на Република Македонија.

Во амандманите 11 И 12 од грчките европатеници Сакорафа, Спираки и Кефалојанис се бара целосно да се исфрли делот дека ЕП ја има в предвид пресудата на Меѓународниот Суд на правдата за примена на времената спогодба од 1995 година.

Во плејадата амандмани се бара и признавање на 100.000 Бугари во Македонија и заедничка прослава на историските настани со Бугарија. По ова прашање, важен е амандманот на естонскиот европратеник Туне Келам, во кој се инсистира на спроведување на попис на населението, бидејќи истиот последен пат е спроведен пред 15 години, секако под услов да постои широк консезус во земјата за методологијата што ќе се применува, како и понатаму да се ажурира избирачкиот список, и да се минимизираат какви било неправилности во иднина.

Што се однесува, пак, до изборите на 11-ти декември минатата година, речиси сите во своите амандмани нотираат дека тие биле мирни и одлично организирани.

Грцките и бугарските европратеници Кефалојанис и Џамбаски и Социјал- демократите Флекештајн и Пицула во своите амандмани инсистираат и на продолжување на рокот на Специјалното јавно обвинителство.

Инаку амандманската расправа за резолуцијата на Република Македонија ќе се одржи на 27-ми февруари, а ден потоа ќе следи нејзиното усвојување.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ