Советот ја одложи расправата за судијата Џолев
Судијата Иван Џолев, преку неговиот адвокат Стеван Павлески, поднесе кривична пријава против Јордан Лазаров, претседател на Комисијата во Советот за утврдување факти. Неговиот адвокат рече дека кривичната пријава се поднесува поради злоупотреба на службената положба, бидејќи Џолев смета дека судијата намерно покренал постапка против него во екот на изборот на претседател на Основниот суд Скопје 1, за да го фаворизира другиот кандидат, Панчевски.

Судијата Иван Џолев дојде во Советот за утврдување факти за нова преставка против него, но, на претседателот на Комисијата, Јордан Лазаров, му пренесе дека му поднесол кривична пријава за злоупотреба на службената должност.
Неговиот адвокат Павлески образложи дека пријавата до скопското Обвинителство му е поднесена на Лазаров бидејќи како претседател на Комисијата иницирал и отворил постапка за разрешување на судијата Џолев, во време на избор за претседател на Кривичниот суд, такашто го фаворизирал противкандидатот, поранешниот претседател Владимир Панчевски. Особено што се работи, како што рекоа, за случај од 2014-та година.
Павлески вели дека според Законот постапка против судија се покренува најдоцна до 6 месеци од сознанието дека бил направен прекршок или за несовесно работење на судија.
Тие побараа од Советот да ја прекине и да ја стави во мирување расправата против Џолев сѐ до завршување на кривичната постапка. Претседателот на ова тело, Лазаров рече дека за прашањето дали ќе се стави во мирување постапката ќе се одлучува на седница на Советот за утврдување факти. Комисијата ја одложи седницата.
Фиљана Кока
