ДУИ го разгледува документот од СДСМ

14.02.2017 16:08

Во Мала Речица се анализира содржината на документот од Бихаќка. Партијата на Ахмети воздржана, од СДСМ, пак, убедени дека брзо ќе ги соберат потребните потписи. Текстот на писмото- строго чувана тајна од двете партии.

Во Мала Речица се разгледува документот испратен од Бихаќка. Од ДУИ не сакаат ништо да коментираат. Од СДСМ велат- ќе овозможи брзо собирање на потребните потписи за мнозинство. Ниту Социјадемократите ниту Интегративците не ја откриваат содржината.

ДУИ, понуденото, ќе го разгледува и на седница на Централното претседателство. Претходно, делегации на интегративците и на Алијансата на Албанците на средба во Тетово на која и Алијансата ќе биде запознаена со содржината на документот.

Од БЕСА велат дека не добиле никаква покана за средба, но, и да ја добијат ќе биде одбиена. Останува нивното образложение дека ДУИ нема кредибилитет да разговара за албанските прашања.

Во меѓувреме, Ахмети по средбата со турската амбасадорка во земјава, Тулин Еркал Кара, соопшти дека биле презентирани петте можни опции на неговата партија за излез од политичката криза нагласувајќи го внимателниот пристап во решавањето на ќор-сокакот поради големата чувствителност на ситуацијата во земјата, но, и во регионот.

ДУИ ја има предвид важноста од одлуката и затоа суштински и широко ја испитува секоја веројатност, предностите и последиците што може да ги донесе нашата определба- велат од партијата.

 

Миле Ристески