Македонските лозари го празнуваат Свети Трифун
Лозарите од земјава го празнуваат Свети Трифун. Ја закроија виновата лоза и си посакаа успешен род. Велат- Македонија има квалитетно вино, кое е многу барано на странските пазари. Вкупната вредност на извозот на вино изнесува и до 50 милиони евра...

Со вино и музика, македонските лозари го прославија Свети Трифун. На празникот на вербата во плоден род и добро вино, се закројуваат лозите. Мераклиите на пијалокот на боговите, се надеваат на бериќетна година.
„Почеток на годината, закројување на лозите... така останало уште од старо време, бериќет и среќа за тие што имаат лоза“, велат лозарите.
Минатата година имало добар род. Лозарите ги наполниле бочвите. Сопственици на винарии велат дека лозовиот насад треба постојано да се обновува за да има добар род. За квалитетот на виното, важни се сортите на грозјето, но, и правилниот начин на работа.
„Македонија има едни од најквалитетните вина, не заради поднебјето, земјата. Виното се раѓа во земјата, расте на лозата, спие во бочвата, а се буди на масата. Тоа е животниот циклус на виното и ние имаме ретко богати минерални земјишта. Минатата година имавме ретко добар род, се направија многу добри, квалитетни вина. Оваа година очекуваме помал род, поради временските услови, но затоа ќе имаме подобар квалитет“, изјави Благој Механџиски, сопственик на винарија.
Се верува дека Свети Трифун ја штити лозата од град и штетности и дека на овој ден треба да почне градинарството.
Многубројни обичаи се поврзани со славењето на празникот Свети Трифун. Светецот живеел во третиот век и потекнувал од Мала Азија.
Дијана Ценевска
