Одбележан Свети Валентин: Цвеќиња и подароци за Денот на вљубените

14.02.2017 16:50

Додека лозарите го слават својот заштитник, дел од граѓаните се решени да го следат западот кога е во прашање одбележувањето на Свети Валентин - Денот на вљубените. Се купуваа цвеќиња и подароци...

Поводот за бакнеж и прегратка ги спојува обичаите и религиите. Католичкиот празник Свети Валентин, заштитник на вљубените, и годинава одбележан од помладите кои веруваат во љубов, сакаат и сакаат да бидат сакани. Вино, вкусни колачиња, рози и балони. Сите се сложни дека љубовта треба да се слави 365 дена, но убаво им е еден ден да стават акцент на најубавото чувство.

Среќните и луѓето со убава мисла трошат најмногу. Во име на љубовта трговците знаат да го наплатат денот.

„Имаме повеќе потрошувачи отколку вообичаено, очекуваме во вечерните часови да има уште повеќе. Најчесто купуваат црвени рози, денеска посебно на Денот на вљубените. Цената на овој ден е поскапа од вообичаената, тоа е берза, воопшто црвеното цвеќе овој период е многу поскапо од вообичаено“, вели продавачка на Цветен пазар.

Од година на година, симболиката на денот станува се поскапа. Многу од угостителските објекти, кафулињата, кафеани денеска се со специјални мениа. Во романтичен амбиент ги чекаат гостите да уживаат во комбинацијата на доброто вино и романтична вечера.

Без оглед на тоа дали ќе славите Валентин или Трифун едно е сигурно, ќе мора да навлезете во потрошувачката машинерија и да купите нешто со многу срциња или едно шише сортно вино. Ако во виното е вистината, тогаш во љубовта е иднината.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска