Македонската делегација на молитвен појадок во Вашингтон

06.02.2014 20:30

Молитвениот појадок во Вашингтон беше искористен македонската делегација да ги престави аргументите...

Молитвениот појадок во Вашингтон беше искористен македонската делегација да ги престави аргументите зошто е потребно членство на Македонија во НАТО и во ЕУ и да побара поддршка од американските сенатори и конгресмени.

Четворица македонски пратеници присуствуваа на Молитвениот поадок со американскиот Претседател Барак Обама. Средбите во Вашингтон со сенаторот Марко Рубио, конгресмените Роберт Адархорд, Френк Волф, Тони Хол биле искористени за испраќање порака дека Македонија заслужува членство во НАТО.

„Македонската собраниска делегација имаше повеќе средби и со конгресмени и со сенатори, од Републиканската и ДЕмократската партија, кадешто ги кажавме македонските позиции и ги аргументиравме македонските аргументи за членство во НАТО и во Европската Унија“, вели Влатко Ѓорчев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сите овие средби ги искористивме заеднички да демонстрираме дека кога се работи за стратешкиот интерес на државата можеме да бидеме заедно и да се спремиме кон исти цели и тука нема никаква разлика помеѓу политичките партии во Република Македонија“,нагласува Андреј Петров, пратеник на СДСМ.

Околу 3.000 учесници учествуваат на Молитвениот појадок во Вашингтон како обид за ширење на толеранцијата и заемното почитување меѓу различните народи во светот.

„Денеска овој голем собир каде се собираат различности од целиот свет не не изненадува, бидејќи Република Македонија си го има овој карактер“, вели Сузана Салиу, пратеник од ДУИ.

„Во името на љубовта, проштевањето, мирот и економскиот просперитет во светот баравме поддршка за Република Македонија за нашето членство во НАТО“, изјави Силвана Бонева, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Секоја година на Молитвениот појадок во Вашингтон е поканета и Вилма Трајковска. Оваа година на појадокот присуствуваше и Владо Бучковски.

Македонска делегација од независноста традционално учествува на Молитвениот појадок што се одржува во хотелот Хилтон во Вашингтон.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ