Поранешниот советник на Трамп под истрага

15.02.2017 12:28

ФБИ го испитувало поранешниот советник за национална безбедност на Белата Куќа, Мајкл Флин поради неговите телефонски разговори со руски амбасадор. Испитувањето се случило само неколку дена откако Трамп ја презеде претседателската должност.

„Њујорк Тајмс“ објави дека американското Федерално истражно биро го испитувало поранешниот советник за национална безбедност на Белата Куќа, Мајкл Флин поради неговите телефонски разговори со руски амбасадор. Испитувањето се случило само неколку дена откако Трамп ја презеде претседателската должност.

Во весникот се наведува дека истражителите не биле уверени дека Флин бил искрен за време на испрашувањето. Доколку се утврди дека не ја кажувал вистината, Флин ќе се соочи со проблеми со законот.

Во момент кога администрацијата на Обама нареди санкции против Русија поради наводното мешање во американските избори, Флин, во тоа време обичен граѓанин, го уверувал рускиот амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кислјак дека претседателот Трамп ќе биде многу поблаг.

Кога информацијата излегла во јавност, Флин негирал дека таков разговор воопшто се случил. Но минатата недела доказите против него станале толку силни, што советникот за национална безбедност морал да признае дека пропуштил да го информира потпретседателот Мајк Пенс за телефонските разговори со рускиот амбасадор, по што поднел оставка.

Портпаролот на Белата Куќа изјави дека претседателот Трамп побарал оставка од Флин бидејќи опаднала неговата доверба во него, поради што чувствувал дека мора да смени нешто.

Случајот на Флин повторно отвори многу прашања за поранешните и за идните односи на новата американска администрација со Русија. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оцени дека оставката на Мајкл Флин е внатрешна работа и дека е проблем на САД, одбивајќи да коментира понатаму.

Руската политичка елита пак, оставката ја нарече удар за руско- американските односи.

Марина Автовска