Лицата со посебни потреби бараат поквалитетна здравствена заштита

15.02.2017 13:45

Подобра здравствена заштита за лицата со инвалидитет и интелектуална попреченост- бараат здруженијата кои ги штитат нивните права. Сметаат дека е потребно ослободување од партиципација во здравствената заштита, зголемување на листата на лекови. Бараат придружба на член од семејството за малите деца кога се лекуваат болнички. Од Министерството за труд и социјална политика, велат ќе ги разгледаат и ќе решат за нивните барања.

Поквалитетна здравствена заштита за лицата со посебни потреби бараат здрженијата кои ги штитат нивните права. Сметаат дека треба да бидат ослободени од партиципација при здравствената заштита. Приоритет им е и зголемување на листата на лекови кои ќе ја подобрат нивната здравствената состојба. При болничко лекување бараат, децата да бидат придружувани од родител или старател.

„Сметаме дека треба да бидеме ослободени од партиципација во примарната и секундарната здравствена заштита, да има овозможена придружба на член од семејството, родител или старател кога дете се лекува во болнички услови, овозможено бањско и климатско лекување, зголемување на листата на лекови за третман кој има позитивни ефекти“, изјави Бранимир Јовановски, Здружение за лица со телесен инвалидитет „Мобилност“.

„Недостига превенција и формирање на сервисни служби во местото на живеење кои ќе значат олеснување на секојдневието и остварување на правата на самите лица со инвалидност, меѓутоа и нивните семејства кои се соочуваат со проблеми, одејќи од една врата на друга барајќи ги своите права“, изјави д-р Василка Димоска, Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост.

Од Министерството за труд и социјална политика, велат ќе ги разгледаат барањата, по што ќе донесат одлука.

„Со оглед на политичката ситуација ќе ја разгледаме иницијативата и ќе донесеме одлука. Сепак Владата е онаа која треба да донесе одлука дали ќе ја поддржи, но од мене има позитивно мислење“, вели Ибрахим Ибрахими, министер за труд и социјална политика.

Досега Министерството за труд и социјална политика направи законски измени за одредување на надоместоци за оваа категорија граѓани. Предвидени се додатоци за мобилност, слепило, глувост. Но, за лицата со хендикеп се уште проблем е вработувањето.

 

Андријана Атанасовска