Расте извозот во Русија, опаѓа трговскиот дефицит

15.02.2017 14:20

Извозот од Македонија во Русија лани пораснал за 39,5 насто и достигнал скоро 49 милиони евра, а трговскиот дефицит се намалува. Доминира извозот на овошје и зеленчук, вино, млечни преработки, фармацевтски производи, а извоз најавуваат и компаниите од машинската и хемиската индустрија.

Расте македонскиот извоз во Русија и опаѓа трговскиот дефицит. Рускиот пазар бара квалитетни земјоделско прехранбени производи, а двегодишните напори на руско- македонската стопанска комора и организираните настапи на нашите компании на саемите даваат конкретни резултати. Од декември започна извозот на жолти и бели сирења и овчи кашкавали, кои веќе ги има во најголемите маркети во Москва, а во наредните месеци почнува извозот и на кравји кашкавал и сирење, како и на мешани сирења.

„Освен соработката со првиот клинет од Продекспо се враќаме со уште еден потпишан договор и со уште 3-4 потенцијални клиенти со кои сега следува процес на преговарање и договорање“, изјави Панделе Панделески, Здравје- Радово.

Доколку сакаме експанзија на рускиот пазар задолжително е учеството на најголемите саемски манифестации на кои учествуваат над 2.000 фирми од дури 57 земји, каде се присутни и најголемите руски дистрибутери, велат од мешовитата Македонско-руска бизнис асоцијација.

„Во овие 4 години успеавме да извеземе околу милион шишиња вино. Извозот и контактот го остваривме преку наши партнери од Бугарија, меѓутоа виното оди под Стоби бренд, флаѓирано македонско вино“, изјави Јадранка Клариќ- Кимовска, Стоби винарија.

Извозот на месните преработки е проблематичен поради неможноста македонските фабрики да користат суровина со потекло од ЕУ земји.

„Доколку суровината е од земја од ЕУ не ќе може да се направи извоз на наши производи во Руската федерација. Бидејќи ние немаме доволно наше свежо месо и користиме суровини од ЕУ земји не сме во можност да одговориме на барањата во тој дел“, изајви Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.

Македонија лани извезла производи за скоро 49 милиони евра, односно за 39,5% повеќе од претходната година. Доминира извозот на овошје, зеленчук и на конзервирани производи, млечни преработки, вино, фармацевтски производи, а се очекува раст на извозот и на производи од машинската и хемиската индустрија, вели Бешлиев.

Свето Николовски