Истрага против поранешниот советник на Трамп

15.02.2017 14:50

Поранешниот советник за национална безбедност, пак тврди дека не ги преминал границите со Кисљак, туку дека накусо зборувале за протерувањето на 35 руски дипломати од САД поради наводното мешање на Русија во претседателската кампања.

„Њујорк тајмс“ објави дека американското Федерално истражно биро го испитувало поранешниот советник за национална безбедност на Белата Куќа, Мајкл Флин поради неговите телефонски разговори со рускиот амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кисљак.

Во весникот се наведува дека истражителите не биле уверени дека Флин бил искрен за време на испрашувањето, а  доколку се утврди дека тоа е точно, Флин би се соочил со проблеми со законот.

Поранешниот советник за национална безбедност пак тврди дека не ги преминал границите со Кисљак, туку дека накусо зборувале за протерувањето на 35 руски дипломати од САД поради наводното мешање на Русија во претседателската кампања. Портпаролот на Белата Куќа изјави дека претседателот Трамп побарал оставка од Флин бидејќи опаднала неговата доверба во него, поради што чувствувал дека мора да смени нешто.

„Не станува збор дека се работи за нешто нелегално, едноставно тоа е прашање на доверба“, изјави портпаролот на Белата Куќа, Шон Спајсер.

Во меѓувреме СИ-ЕН-ЕН објави дека високо позиционирани советници Трамп, за време на кампањата имале постојана комуникација со руски чиновници, поранешни и актуелни разузнавачи, како и со претставници на вооружените сили и на администрацијата.

Москва целосно го отфрли ова тврдење. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оцени дека оставката на Мајкл Флин е внатрешна работа и дека е проблем на САД, одбивајќи натаму да коментира. Руската политичка елита пак, оставката ја нарече удар за руско-американските односи.

Марина Автовска