ОРМ иницира предвремено пензионирање, МТСП демантира

15.02.2017 16:28

Организацијата на работодавачи ја актуелизира можноста за доброволно предвремено пензионирање на работници. Министерството за труд и социјална политика демантира- нема ваква иницијатива. Со став се дека обврската да изнајмат адвокатаи, наместо да ги користат сопствените правни служби за склучување договор со нотар наметнува дополнителни трошоци на компаниите, работодавачите иницираат законски измени за извршување и нотаријат.

Обврската на компаниите да изнајмат адвокати за заверка на договори на нотар, иако имаат правници со правосуден испит наметнува дополнителни трошоци, може да резултира со отпуштања на вработени или појава на две илјади нови регистрирани адвокати. Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) бара законски измени за извршување и нотаријат.

Со став дека со предлогот за законски измени се штитат интересите на бизнис заедницата Димитров очекува подршка од социјалните партнери и законодавецот. Организацијата на работодавачи повторно ја актулизира можноста за доброволно предвремено пензионирање на работници кои имаат три до пет години до крајот на работниот стаж. Тврдат иницијативата е на работодавачи од градежниот, банкарскиот сектори и осигурителните компании.

„Станува збор за една категорија работници кои поради возраста не успеваат да ги извршуваат работните задачи пропишани за соодветните работни места или не можат да ги совладаат новите технологии што се воведуваат во процесот на производство. Дел од овие работници имаат три години до исполнување на критериумите за одење во старосна пензија и работодавачите се расположени да го покриваат износот на пензијата до нивното законско пензионирање. На овој начин овие работници би биле ситуирани, а работодавачите ќе можат на нивно место да вработат млади кадри кои полесно ќе ги извршуваат работните задачи“, вели Ангел Димитров, претседател на ОРМ

Реагираше Министерството за труд и социјална политика. Нарекувајќи ги шпекулации, ги демантира гласините дека се работат законски измени поврзани со предвремено пензионирање. Велат, Организацијата на работодавачи нема доставено иницијатива до нив.

„Доколку Организацијата на работодавачите на Македонија мисли на иницијативата доставена до МТСП точно пред две години, за истата министерството, како што знаат и самите, одржа средба со ОРМ и заинтересирани работодавачи членки на ОРМ, на која што им беа пренесени ефектите од иницијативата“- стои во соопштението. Според постојните законски одредби, жените во старосна пензија одат на 62 години, мажите на 64 и со најмалку 15 години пензиски стаж.

Сузана Фиданска- Стоевска