Трамп- Нетанјаху

САД ќе поддржат било какво решение за кое ќе се договорат Израел и Палестина

16.02.2017 10:27

По средбата во Белата Куќа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе поддржат какво било решение за кое ќе се договорат Израел и Палестина. Сепак, САД и натаму се најголем сојзуник на Израел на Блискиот Исток.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја направи првата најголема измена во ставовите на Вашингтон за надворешната политика. По средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, американскиот претседател изјави дека поддржува мировно решение меѓу Израел и Палестина какво што тие ќе изберат, а не решение на две држави според досегашните мировни преговори.

„Разгледувам една и две држави, а ми се допаѓа онаа држава што ќе ја сакаат двете страни. Ќе бидам среќен со она што  ќе го сакаат и двете, можам да живеам и со двете опции. Едно време мислев дека две држави е полесна опција , но искрено, ако Израел и Палестинците се среќни со некое решение и јас ќе бидат среќен со тоа што е најдобро“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

„Наместо да се расправам со етикети, претпочитам суштина. Тоа е нешто што со години сакав да го направам во свет што е апсолутно фиксиран на еден ваков свет. Еве ја суштината, има два предуслова за мир што се изложени пред неколку години и не се променети. Прво, Палестинците мора да ја признаат еврејската држава и да престанат да повикуваат на уништување на Израел, нешто на што ги учат нивните луѓе. Второ, Израел мора да ја задржи безбедносната контрола на целата територија западно од реката Јордан“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Израел е најголемиот сојузник на Соединетите Американски Држави на  Блискиот Исток во борбата против тероризмот, констатирале двајцата државници на првата официјална средба во Вашингтон. Според Нетанјаху, односите меѓу Израел и САД ќе се подобрат за време на администрацијата на Доналд Трамп.

САД сериозно размислуваат за преместување на американската амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ