ЕП го ратификува договорот за слобдна размена со Канада
Европскиот парламент го ратификува договорот за слобдна размена со Канада (ЦЕТА), Договорот се уште е оспоруван и неговата ратификација од националните и регионалните парламенти на Европската Унија се најавува како неизвесна и долга процедура. Некои од деловите на договорот ќе започнат да се спроведуваат од април оваа година.

За договорот за слободна трговска размена меѓу ЕУ со Канада гласаа 408 европратеници, 254 беа против и 33 воздржани. Гласањето следуваше по тричасовна дебата за и против договорот за кој се преговараше цели седум години.
Голем дел од договорот влегува во привремена примена во текот на месец април годинава, по што тој треба да биде ратификуван од сите национални и регионални парламенти на ЕУ.
Неколку стотици противници на Договорот, од невладини организации или левичарски партии се најдоа пред парламент да протестираат. Тие сметаат дека договорот е недемократски, премногу поволен за мултинационалните компании, лежерен за животната средина или штетен за европското земјоделство.
Најчувствителната точка се однесува на можноста за мултинационалните компании кои инвестираат во странство да поднесат тужба против еднадржава која би спроведувала јавна политика спротивна на интересите на компанијата, со барање надомест на штета.
Договорот ќе треба да ги отстрани 99 отсто од царинските давачки. Но, тој, исто така, се залага за соработка во социјалната, здравствената и еколошката средина.
„Ние не склучуваме пакт со ѓаволот. Ние зборуваме за Канада, една од најдемократските земји во светот“, изјави еврокомесарката Малмстром.
Договорот ЦЕТА е „одговор на Европа и Канада на политиката на Доналд Трамп, модел за иднината врз основа на соработка, заеднички вредности и стандарди“, рече германскиот европратеник Манфред Вебер, претседателот на Европската народна партија, најголемата политичка група воЕвропскиот парламент.
Процесот на ратификација на ЦЕТА ќе биде долг и неизвесен во сите земји членки на ЕУ. Ова сигурно ќе влијае на другите договори за слободна трговија за кои се се дискутира во Брисел.
Тони Гламчевски, постојан дописник од Стразбур за МРТ
