ДПМ одбележа 70 години постоење
70 години од основањето на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Низ оваа врвна културна установа минаа 540 писатели во овие децении на авторство, на творештво и на заштита и промоција на македонскиот јазик. Делата на нашите романописци и поети се преведени на светските јазици.

Друштвото на писателите во изминатите седум децении обедини 540 писатели и интелектуалци кои своите заложби ги остваруваа во сите книжевни жанрови творејќи на својот мајчин јазик. Сите тие од првото членство на чело со Блаже Конески, па сѐ до денес, на свој начин го дадоа придонесот за богатата развојност на друштвото како една од компонентите на литературните и културните процеси во Македонија, рече Веле Смилевски на свеченоста. Тој посочи дека естетските дострели на писателите се вградени во развојот на македонската држава.
По повод 70-годишнината од основањето на Друштвото на писателите на Македонија, беа врачени наградите за најдобри книжевни остварувања. На овој ден писателите порачаа- да се работи повеќе на афирмација на македонскиот автор и книжевност.
На 13-ти февруари 1947-ма година, Друштвото на писателите е формирано како професионално здружение на писателите од Македонија. Основачи се Васил Иљоски, Блаже Конески, Ристо Крле, Славко Јаневски, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко и Ацо Шопов.
Викторија Милевска
