Судиите на обука за заштита на човековите права
Во наредните 18 месеци судиите и обвинителите ќе се обучуваат на кој начин поефикасно да се борат против малтретирањето и како да ги заштитат човековите права. Проектот што го спроведува Советот на Европа ќе му овозможи и на Уставниот суд поефикасно да ги применува европските стандарди.

Прво да се искористат домашните ресурси, а дури потоа да се бара правда од судот во Стразбур. Тој треба да биде последната опција за граѓаните на кои им е повредено некое од уставно загарантираните права. Ова е препораката од Советот на Европа кој ќе инвестира 700 илјади евра во обука на судиите, адвокатите и обвинителите од земјава со цел поефикасно да се борат против нечовечкото и понижувачко постапување и да ги заштитуваат човековите права.
Претседателот на Уставниот суд Никола Ивановски оцени дека воведувањето на целосната уставна тужба како дел од некоја идна уставна реформа ќе отвори нови можности за граѓаните за заштита на нивните слободи и права.
Обуките ќе се спроведуваат 18 месеци. Во Академијата за судии и јавни обвинители ќе се подобрат постојните и ќе се воведат нови наставни програми, а ќе се формира и тим на квалификувани обучувачи.
Анита Димитријевска
