Современа терапија за пациентите со малигни заболувања и хепатит
Чекор кон долгорочно решение и кон проширување на позитивната листа - граѓанските здруженија за заштита на болните од малигни заболувања и од хепатитис велат дека новата терапија ќе им го продолжи животот на пациентите.

По една деценија, пациентите со малигни заболувања ќе се лекуваат со посовремена терапија. Граѓанските здруженија велат дека со ова ќе им се продолжи и подобри квалитетот на животот на болните. Очекуваат долгорочно решение за достапноста на лековите и проширување на позитивната листа.
„Овие нови лекови за пациентите со карцином ќе значат многу бидејќи на некој ќе му го продолжат животот. Можеби за нас неколку месеци не се важни, но тие месеци ќе може да се посветат на своето дете. Па дури и да го научат како да пишува. Човечкиот живот нема цена“, изјави Биба Додева, Здружение за борба против рак „Борка“.
„Првата желба што ја има секој пациент е да си го продолжи животот, а потоа да биде и подолго време со своето семејство“, вели Виолета Томовска, Алијанса на пациентски организации.
Новите лекови за болните од Хепатитис Ц, се можност пациентите целосно да бидат излекувани – велат од здружението „Хепар“.
„Овие лекови кои во Европа се користат веќе неколку години дадоа огромни резултати. Се промовира можноста, не само за Хепатитот Ц туку и да се намали бројот на заболени од малигно заболување Хепатоцелуларен карцином кој е последица на Хепатитисот Ц и Хепатитисот Б“, изјави Милан Мишковиќ, здружение „Хепар центар“.
Годинава Фондот за здравство ќе потроши два милиона евра за набавка на оваа терапија, која што досега не беше достапна во земјава.
„Оние пациенти кои досега не можеа да ја добијат оваа терапија, а имаа потреба од неа низ строго утврдени критериуми со претходни биохемиски испитувања и за оние кај кои ќе се утврди дека оваа терапија влијае ќе биде достапна за нив“, нагласи Сашо Стефановски, директор на ФЗОМ.
На позитивната листа на Фондот се додадени девет лекови за болните од хепатитис Ц, од рак на дојка, бели дробови, рак на дебело црево, црн дроб, како и за пациенти при трансплантација на коскена срцевина.
Андријана Атанасовска
