Ахмети се огласи за преговорите со СДСМ: Документот не содржи атомска бомба

16.02.2017 16:22

Али Ахмети се огласи за преговорите со СДСМ- документот не содржи атомска бомба. Лидерот на ДУИ вели дека се прават сите анализи во партијата и секоја избрзана реакција и одговор би имале фатални последици. За евроамбасадорот Жбогар, политичката ситуација во земјава не треба да се драматизира. Останува оптимист дека лидерите ќе го најдат вистинскиот начин да формираат влада.

„Документот не содржи атомска бомба“- лидерот на ДУИ, Али Ахмети се огласи за преговорите со СДСМ. До рано утрината, партиско раководство ги разгледувало опциите со кого е подобро да се коалицира. За содржината на текстот, консултации и со Алијансата на Албанците. „Ќе има резултат и конкретен одговор“, изјави Ахмети.

„Се прават сите анализи во партијата. Ве уверувам дека документот не содржи атомска бомба. За сите детали ќе бидете информирани. Се работи за конкретни прашања за албанските интереси и ние правиме анализи. Мислам дека секоја избрзана реакција и одговор би имале фатални последици“, нагласи Ахмети.

Во СДСМ сѐ уште како одговор ги чекаат потписите на ДУИ за парламентарно мнозинство. Не се разговара за конкретни форми на влада.

„Во оваа фаза зборуваме за мандат за состав на Влада. Ниту зборуваме за содржина, ниту зборуваме за форма и вид на Владата, и дали ќе се постигне таков договор“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Евроамбасадорт Самуел Жбогар порача дека состојбата во земјава не е толку тешка за да се драматизира.

„Не мислам дека состојбата во земјата е толку тешка, не треба да драматизираме. Имавме избори и нормално е да се даде повеќе време за да можат политичките лидери да формираат влада. Гледам дека политичките партии се веќе ангажирани. Јас сум оптимист дека политичките лидери ќе го изнајдат вистинскиот начин да формираат влада, за да можеме ние како ЕУ да продолжиме да работиме во реализирање на реформите кои што се поторебни“, изјави евроамбасадорот Жбогар.

Во следниве денови дуи повторно ќе седне на заедничка маса со албанскиот блок партии.

 

Миле Ристески