Тече рокот за замена на дозволите за оружје

16.02.2017 16:40

Уште неполни два месеца до истекот на рокот за замена на дозволите за оружје. Министерството за внатрешни работи информира, за изминатите 10 години, само четвртина од оние кои поседуваат, извадиле нови документи. Повикуваат да се заврши законската обврска, казните се високи.

Рокот за замена на дозволите за поседување и носење оружје, издадени согласно со законот, истекува на 12-ти април. Граѓаните, ловџиите, спортските стрелци, колекционерите и правните лица со стари дозволи се должни да поднесат барање за нивна замена. Низок е одѕивот на обнова, велат во МВР, од 2007-ма само 25 насто ги замениле дозволите.

„Во рок од 10 години граѓаните се должни да ги заменат старите исправи, со нови дозволи за оружје. Тоа се дозволата за оружје, дозволата за поседување на оружје и овластувањата кои ги поседуваат работниците за приватно обезбедување во правните лица“, вели Лидија Перова- Мојсовска, началник на Сектор за оружје.

Барањето може да се поднесе во одделенијата на МВР за граѓански работи во 30 општини. За оние кои нема да го испочитуваат рокот, следуваат глоби од 600 до 1.000 евра, информираат во МВР. Дополнително, се одзема и оружјето.

Луѓето кои не сакаат веќе да го употребуваат, а го задржуваат мора да побараат потврда за поседување, со која немаат право да го користат.

„И покрај тоа што МВР во повеќето градови ги повикува граѓаните врз основа на евиденцијата што ја има, одзивот беше послаб, па од тие причини рокот се продолжи, па сега на 12-ти април е последниот рок до кој граѓаните треба да поднесат барање“, изјави Перова- Мојсовска.

Според податоците, најчесто се користи за лов и спорт, а го поседуваат и приватните агенции за обезбедување. Жителите од Светиниколскиот крај, од Струга и Кичево предничат во поседувањето оружје.

Новите дозволи за лица до 65 години имаат десетгодишна важност. Над оваа возраст, тие важат само 5 години.

Наташа Гркова- Петрушевска