Американски конгресмени со поддршка за влезот на Македонија во НАТО

07.02.2014 10:28

Македонија е важна за стабилноста на регионот и затоа треба да стане членка на НАТО и ние целосно ќе ја поддржуваме за прием, изјави Републиканецот Конгресмен од Алабама, Роберт Адерхолт.

Македонија е важна за стабилноста на регионот и затоа треба да стане членка на НАТО и ние целосно ќе ја поддржуваме за прием, изјави Републиканецот Конгресмен од Алабама, Роберт Адерхолт.

„Македонија навистина е држава како скапоцен камен во регионот на Балканот. Имав можност да патувам во Македонија два пати, и сметам дека би била одлична идеја да стане членка на НАТО, што ќе придонесе и за стабилноста. Од гледна точка на САД, многу Американци многу силно ја поддржуваат Македонија , сакаме да и бидеме од помош на Македонија и ќе направиме се што можеме да го поддржиме приемот во НАТО“, вели Адерхолт.

Македонската делегација која мошне сплотено настапуваше во Вашингтон, беше примена и од Конгресменката од Мичиген, Кендис Милер, којашто е Претседател на конгресната група за пријателство со Македонија.

„И ова беше навистина добра можност да разговараме за македонските позиции и да ја објасниме состојбата во којашто се наоѓа Македонија и нашите аспирации“, истакна Влатко Ѓорчев, претседател на собраниска комисија за одбрана.

„Ние се обидуваме и ги соединивме овде напорите и на оваа парламентарна делегација, она што го правев јас, она што го прави госпоѓата Вилма Трајковска, сите со своите релации со контактите со коишто ги имаме, да побараме да не ја забораваат Македонија“, вели Владо Бучковски, поранешен премиер и министер за одбрана.

Учесниците од Македонија коишто присуствуваа на Молитвениот појадок со американскиот Претседател Барак Обама, имаа средби и со претставници на Обединетата Македонска Дијаспора, каде разменија мислење како заедно да лобираат за прием на Македонија во НАТО.

Конгресмените од Републиканската и Демократската партија даваат поддршка за влезот на Македонија во НАТО и до самитот во септември ќе излезат со нови иницијативи.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ