Нови 10.000 работни места со Оперативниот план за вработување за 2017-та
873 милиони денари се обезбедени за реализација на Оперативниот план за 2017-та година за спроведување на 22 мерки за вработување и 11 услуги на пазарот. Се очекува отворање на 10.000 работни места, со што невработеноста треба да падне под 22 проценти...

Вкупно 873 милиони денари се обезбедени за реализација на Оперативниот план за 2017-та година за спроведување на 22 мерки за вработување и 11 услуги на пазарот. Се очекува отворање на 10.000 работни места, со што невработеноста треба да падне под 22 насто наредната година.
„Со реализација на овој Оперативен план очекуваме отворање на околу 10.000 нови работни места, заедно со „Македонија вработува 2“ со што значително ќе се придонесе за намалување на невработеноста која наредната година планираме да изнесува под 22 проценти, а до 2020 да се намали на 17 до 18 проценти“, истакна вицепремиерот здолжен за економски прашања Владимир Пешевски.
Пешевски нагласи дека со планот ќе продолжи реализацијата на Програмата за самовработување во чии рамки ќе се издвојат средства за формирање нови 1.000 микрокомпании, а грантот од неповратни средства за поддршка за отворање компанија наместо како досега 3.000 илјади, ќе биде зголемен на 4.000 илјади евра.
Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими истакна дека со Планот се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе се спроведат за, како што рече, да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавање нови работни места и да се зголеми вработливоста на невработените лица.
Во буџетот на оперативниот план со 74 милиони денари учествува и ЕУ, преку третиот директен грант за поддршка за вработување на млади лица.
Директорот на АВРМ, Влатко Поповски истакна дека огласите за определените мерки и активности ќе почнат да се објавуваат веќе од понеделник, со што, како што рече, сите граѓани на Република Македонија ќе бидат запознаени поодделно со правилата на огласот за таа мерка, како и со условите за апликација.
