Конгресменот Френкс најави испитување на работата на Американската амбасада во Македонија

19.02.2017 11:21

Американскиот конгресмен Трент Френкс се придружи на групата конгресмени коишто бараат одговори како се трошат парите од американската помош во Македонија. Конгресмен Френкс вели дека постојат јасни показатели дека американската помош е давана на левичарски организации поврзани со Џорџ Сорос.

Уште еден американски конгресмен од Аризона Трент Френкс бара одговори од американската амбасада во Македонија како ги троши парите од американската помош за што постојат сомневања дека се давани на левичарски организации поврзани со Џорџ Сорос за време на администрацијата на Барак Обама.

„Предизвиците што ги видовме се дека постојат дискутабилни финансирања што американската мисија ги направила до организации поврзани со Џорџ Сорос, што е спротивно на она во што верува Америка. Се обидовме да добиеме поддршка од Стејт Департментот и Американската агенција за меѓународен развој да откриеме зошто се случува ова финансирање на неетички начин за добрите интереси на Македонија и ја поткопува американската политика во светот“, вели конгресменот Френкс.

Администрацијата на Обама беше многу комотна со финансирањето на левичарски граѓански организации, но сега има нова администрација  која ќе води грижа како американската помош се троши, вели конгресменот Френкс.

„Американскиот Конгрес, Сенат и новата администрација на Трамп сакаат да се осигураат дека парите што ги трошиме за американската мисија во Македонија им помага на македонските луѓе и на идеалот за слобода и за човекови права, а не ги поткопува како во минатото“, изјави конгресменот Френкс.

Конгресменот Френкс не добил одговори од американската амбасада во Македонија.

„Не, не добивме воопшто никакви одговори од американската амбасада во Македонија и ова почнува сериозно да не загрижува. Некои од нас ќе пробаат да преземат мерки за финансирањето, ако не можеме да обезбедиме дека финансирањето вистински и помага на Македонија, а не да ја поткопува. Не сакаме да финансираме нереди и лоши работи на улиците што ги повредуваат македонските луѓе. Сакаме да се осигураме дека сета помош што ја даваме, било финансиска, дипломатска или какво било друга, им помага на луѓето во Македонија да живеат во услови на слобода и човекови права како американскиот начин на живот“, објаснува конгресменот Трент Френкс.

Конгресменот веќе имал прелиминарни разговори со надлежните за следните чекори во истрагата.

„Веќе имавме прелиминарни разговори за да побараме од американскиот генерален инспектор да го разгледа ова, исто така и Канцеларијата за општо сметководство, да ни кажат што се случува со парите овде. Повторно, има јасни покажатели дека голем дел од парите што се испратени за да помогнат со човековите права во Македонија одат за организации поврзани со Џорџ Сорос којшто е противник на човековите права и слободи. Затоа сакаме да се осигураме дека ова ќе се поправи што е можно побрзо“, вели конгресменот Френкс.

Загрижени сме дека парите преку УСАИД подолго време одат за организации поврзани со Џорџ Сорос не само во Македонија, туку и во други држави во светот, вели конгресменот Френкс додавајќи дека очекува истрагата да се прoшири.

Се зголемува бројот на конгресмени, но и на сенатори коишто бараат одговори од американската амбасада во Македонија.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ