Преку програмата за самовработување ќе бидат опфатени 1.050 невработени

20.02.2017 13:52

Програмата за самовработување вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис план и регистрирање дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали и менторство за време на почнување на бизнисот.

Годинава преку програмата за самовработување ќе бидат опфатени 1.050 невработени, за што ќе бидат инвестирани 264 милиони денари. Тие се предвидени за опрема, за бизнис планови, обуки и за регистрирање на бизниси.

Програмата за самовработување вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис план и регистрирање дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали и менторство за време на почнување на бизнисот.

Оваа програма има за цел да го поттикне претприемништвото и да поддржи креирање почетни бизниси кои ќе обезбедат одржливи вработувања, не само за самите основачи, туку и за други лица кои ќе се вработат во овие почетни одржливи бизниси. Програмата поттикнува и создавање рамномерна дистрибуција на економските субјекти во земјава, изјави министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Потенцира дека ова е единаесетта по ред година во која се спроведува оваа програма и оти со неа се постигнува целта за зголемување на вработувањето, со оглед на тоа што, како што рече, 70 проценти од бизнисите успеваат да опстанат на пазарот и по неколку години, како и дека во дел од активните фирми има зголемување на бројот на вработени.

Од 2007 до 2016 година преку програмата за самовработување основани се 8.730 фирми во кои се вработени 8.969 лица.