Албанската опозиција бара оставка од Рама
Албанската опозиција бара оставка од владата на премиерот Рама како единствено решение за фер и слободни парламентарни избори во јуни. Демонстрации имаше и во неколку градови во земјата.

Приврзаниците на албанската опозициска Демократска партија протестираа пред кабинетот на премиерот Рама, ветувајќи дека нема да заминат сѐ додека не даде оставка, што е предуслов за слободни и праведни избори. На годишнината од отстранувањето на статуата на поранешниот комунистички диктатор Енвер Хоџа, лидерот на опозицијата Љуљзим Баша ги повика граѓаните да се придружат на демонстрациите за новата влада. Меѓу насобраните граѓани беше и поранешнот премиер Сали Бериша. Предупредија- ако не се повлече Рама, ќе употребат поинакви средства.
„Мора да останеме заедно за да имаме слободни и фер избори кои ќе ги овозможиме ако ја смениме оваа криминална влада. Слободни, или никакви избори“, изјави Љуљзим Баша, лидер на Демократската партија на Албанија.
Младинскиот форум на опозиционерите пред владата постави т.н. „Шатор на слободата, истрајноста и протестот“. Пред седум години, и Рама на истиот начин бараше пребројување на гласовите по изборите за пратеници.
Демократите бараат спроведување на препораките од ОБСЕ и електронско гласање за да се избегнат манипулации. Рама реагираше на социјалните мрежи.
„Вистинските реформи не се едноставни, тоа е болна операција. Но нема да постои сигурна иднина за земјата, општеството и децата ако не дејствуваме храбро врз гнилите делови на државната организација“, напиша Рама.
Како членка на НАТО и кандидат за ЕУ, Албанија има историјат на нерегуларни избори. Брисел бара прочистување и поквалитетно правосудство пред да почнат пристапните преговори за влез во европскиот блок.
Парламентарните избори во Албанија се закажани за 18-ти јуни.
Маја Филдишев
