Грција: Зголемените давачки предизвикуваат незадоволство меѓу граѓаните

20.02.2017 15:00

Грција има проблеми со враќањето на позајмиците од тројката кредитори. Зголемените даноци, како и здравственото осигурување го намалуваат профитот, се жалат стопанствниците. Еден од нив во Атина вели дека доскорешната добивка од 40 илјади долари, му е намалена десет пати.

Зголемување на даноците како дел од реформите на грчката влада со цел постигнување на нова спогодба со меѓународните кредитори, предизвикува огромно незадоволство и загриженост меѓу грчките граѓани. Бизнисмените се жалат дека поради високите даноци, нивните компании стануваат финансиски неоправдани.

Јанис Кузупис е сопственик на ресторант и заменик- секретар на синдикатот на сопственици на ресторанти. Тој вели дека со новите даноци е речиси невозможно за еден ресторант да опстане.

Ништо не останува за оној што работи. Мојот буџетски извештај покажува дека од 40.000 евра што компанијата ги направила, после оданочувањето и давачките, ќе останат само 1.800 евра“, вели Јанис Кузупис, сопственик на ресторан.

Идентична се чини состојбата и со останатите бизниси во Грција. Генералниот секретар на грчката конфедерација на професионалци, занаетчии и трговци, Јоргос Курасис, вели дека според новите правила, кои што во моментов се во фаза на тестирање во пресрет на новата спогодба, 70 до 80 проценти од приходот на компанијата ќе оди за покривање на даноците и осигурителните давачки. Доколку мерките се материјализираат, тој очекува дополнително осиромашување на грчкото општество, нагласувајќи дека куповната моќ на грчките потрошувачи веќе е падната за 40 проценти.

Со новиот здравствен и даночен систем што е на сила од почетокот на 2017-та, и што во моментов се тестира, давачките за здравствено осигурување се толку високи, што во комбинација со другите даночни обврски, доведува до состојба во која што од 70 до 80 проценти од приходот на компанијата оди за покривање на осигурување и даноци. Како последица на тоа, на компанијата не и останува ништо за да преживее“, изјави Јоргос Курасис, генерален секретар на грчката конфедерација на професионалци, занаетчии и трговци.

Економската криза во Грција беше обелоденета некаде во 2009-та година, од кога земјата се потпира на милијардите евра од меѓународните заеми за спас. За возврат, грчките влади прифатија низа на реформи како повисоки даноци и давачки и пониски плати и пензии. Според  Еуростат, стапката на сиромаштија во Грција бележи раст и во моментов околу 36 проценти од граѓаните живеат со финансиски проблеми.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ