Самовработување: Основани 8.730 фирми со 8.969 вработени

20.02.2017 15:16

Годинава преку програмата за самовработување со грант во износ од 4.000 евра ќе бидат поддржани 1.050 невработени лица. Досега преку оваа мерка за 10 години биле основани вкупно 8.730 фирми и биле вработени 8.969 лица, од кои над 35% биле жени, а 31% млади на возраст до 29 години.

Со неповратен износ од 4.000 евра ќе бидат поддржани 1.050 невработени лица кои ќе започнат бизнис преку програмата за самовработување со грант. Искуството покажува дека над 70% од новите бизниси продолжуваат успешно да работат на пазарот, а дел од нив го зголемиле и бројот на вработени. Програмата се спроведува веќе 11 година за што од буџетот за 2017-та се предвидени 283 милиони денари.

„Од 2007 година до 2016 година преку програмата основани се 8.730 фирми во кои се вработени 8969 лица“, изјави Ибрахим Ибрахими, министер за труд и социјални работи.

За разлика од досега, годинава грантот е зголемен од 3 на 4 илјади евра за секое самовработување, во што се опфатени сите трошоци.

„За оваа мерка се наменети вкупно 283 милиони денари, за сите трошоци што ќе настанат за оваа мерка.Од делот на промоција, претприемачка обука,во делот на давање на грантовите, за сите оние трошоци што настануваат“, изјави Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување на Република Македонија.

За секое реализирано самовработување предвидена е поддршка со грант од 263.940 денари,а доколку покрај основачот на фирмата се вработи дополнително уште едно лице, износот се зголемува за 92.000 денари

„Од 2007 до 2016 година учествуваат со 31% од веќе отворени бизниси или 2.698 бизниси се отворени од млади лица до 29 години возраст во период од 10 години“, вели Слободанка Алексовска, Агенција за вработување на град Скопје.

Обврска е дополнително вработеното лице да се задржи најмалку уште 12 месеци во фирмата,а преку програмата годинава ќе бидат поддржани најмалку 20 бизнис планови во рурални подрачја. Секој корисник на грант се следи внимателно, доколку доцни 3 месеци во исполнување на обврските ќе добие дополнителни 2 месеца да ги исполни, а ако се откаже од бизнисот предвидено е враќање на добиените средства. 80% ако престане да работи во првата година, односно 60% во втората.

 

Свето Николовски