Сообраќајни несреќи: Три жртви од почетокот на годинава
Познавачите велат - најмногу се гине во градските средини и тоа во периодот од 16 до 18 часот кога луѓето се враќаат од работа. Фатален за многу возачи бил денот понеделник. Во летниот период, според статистиката, има двојно повеќе сообраќајни несреќи со смртни последници.

Три жртви на сообраќајни несреќи бележи црната статистика од почетоков на годинава. Тоа е значителен пад на бројката, затоа што во истиот период лани, биле евидентирани 19 загинати низ домашните улици.
Познавачите велат - најмногу се гине во градските средини и тоа во периодот од 16 до 18 часот кога луѓето се враќаат од работа. Фатален за многу возачи бил денот понеделник. Во летниот период, според статистиката, има двојно повеќе сообраќајни несреќи со смртни последници.
Статистиката за минатата година покажува дека најмногу сообраќајни несреќи се случиле во јули, вкупно 410. Во овој летен месец, на патиштата низ земјава загинале 26 луѓе.
Меѓу оние кои седеле во автомобилите, најмногу загинати има возачи - 88. Од пешаците како ризична категорија се издвојуваат пензионерите – лани загинале 17 луѓе на возраст над 65 години. Скопјани велат, и покрај препораките, во градот нема култура на возење.
Статистиката покажува дека лани загинале и пет деца на возраст до 14 години.
Анита Димитријевска
