Убиство во Охрид, полицијата трага по сторителот

21.02.2017 15:31

Во текот на вчерашниот ден во нејзиниот стан во Охрид е убиена Спаса Б. Полицијата трага по сторителот на кривичното дело „разбојништво со последици смрт“ и се очекува дека одредени предмети што се пронајдени при увидот ќе помогнат за што поскоро откривање на убиецот.

67-годишната Спаса Б. од Охрид вчера е убиена во нејзиниот дом. Полицијата интензивно трага по сторителот на разбојништвото со последица смрт, кое се случило во периодот помеѓу 11 часот и 30 минути и 19 часот и 25 минути. Сторителот влегол во станот и со опасно орудие- најверојатно нож ја нападнал и и задал повеќе смртоносни убодни рани во пределот на главата, вратот и телото, а потоа извршил пребарување на собите. По извршуваето на кривичното дело тој ја заклучил влезната врата и незабележан го напуштил станот.

„Нејзиното безживотно тело е пронајдено во 19 часот и 25 минути од страна на членови на семејството на сега починатата жена. Во оваа прилика дозволете ми да кажам дека широки се мерките на СВР Охрид со цел пронаоѓање на можниот сторител, дека во акцијата за негово пронаоѓање се вклучени сите полициски инспектори од униформираниот полициски состав, но и од криминалистичката полиција“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Соседите кои ја избегнуваа камерата, велат дека убиецот бил добро запознат со материјалната положба на жртвата. Таа подолг период со нејзиниот покоен сопруг работела во Германија и примала германска пензија. Тие се вознемирени и очекуваат полицијата што поскоро да го открие сторителот на кривичното дело.

Од охридската полиција веруваат дека пронајдените предмети при криминалистичко-техничкиот увид ќе придонесат убиецот што поскоро да се најде пред лицето на правдата.

 

Сашо Нелоски