Туристичките водичи- окото на странскиот турист во земјава
Од туристичкиот водич зависи какви впечатоци ќе понесат со себе странските гости во земјата. Истражувањата на терен говорат дека најголем дел од оние што се враќаат во земајата добиле квалитетна тура и податоци за историјата, културата и убавините што ги поседува. Промовиран првиот дигитален регистар на активни и квалификувани туристички водичи. А, за нив сѐ уште е проблем нелојалната конкуренција од странските колеги.

Стандарди и услови за подигање на достоинството и препознавање на професијата, бараат туристичките водичи. Иако тие се чувари на историјата и културното наследство, прозорецот преку кој странските гости ја доживаат земјава, сеуште мака мачат со нелојалната конкуренција. Предупредуваат хиперпродукција на кадар со слаб квалитет што ја урива цената на пазарот, можноста туроператори да ангажираат странски водичи, се недостатоци што се провлекуваат со децении. Бараат покрај локалната, контролата да се зајакне и со републичка инспекција.
„По правило треба да користат домашен лиценциран туристички водич, но имаме 20 насто странски туроператори кои го избегнуваат ова, па мора да постои републичка инспкција, едно е на локално друго е на републичко за да во свеста на странските оператори дојде дека не може да се води без казнени одредби, ке почне да се почитува регулативата како ние еве знаеме дека во Италија се казнува па не се осудуваме да водиме“, изјави Бранко Босилков, Асоцијација на туристички водичи.
Во Македонија има 790 лиценцирани туристички водичи, ги покриваат речиси сите странски јазици, недостигат познавачи на јапонски и кинески. Од Асоцијацијата сугерираат, лиценцата да се продолжува преку проверка на знаења, но и презентација за настапот на терен пред туристите. Да се вложува и во квалитетот на кадри од руралните средини, голема одговорност е како ќе се представи Македонија.
„Една од најранливите алки во туристичката индустрија се токму туристичките водичи. Од друга страна, водичите се една од најважните алки во вредносниот синџир на туризмот кој има сериозно влијание врз доживувањата на туристите. Од водичите зависи како туристот ќе доживее и со какви впечатоци ќе замине од одредена дестинација“, вели Елена Иванова, Програма за зголемување на пазарната работливост- ИМЕ.
Туристичките водичи со оптимистички проекции, очекуваат 2017-та да биде една од подобрите години, и покрај политичката криза туризмот да биде во пораст. Промовиран е и првиот дигитален регистрар на квалификувани водичи кој одговара и на потребите на туристичките агенции.
Сузана Фиданска- Стоевска
