3,7 милиони евра за поддршка на иновации

21.02.2017 16:12

Со поддршка од Фондот за иновации до поголема конкурентност на светскиот пазар. До 3-ти мај трае повикот за грантови до 30 илјади евра за страт-апи. За годинава се планирани 3,7 милиони евра за поддршка на иновациите.

Финансиска помош од 30 илјади евра ќе добијат старт-ап претпријатијата кои ќе аплицираат за развој на иновативно решение со глобална перспектива. Повикот трае до 3-ти мај. ИТ компанија која веќе искористила таков гранд развила софтверски производ за средни компании кој ја олеснува работата на администрацијата. Велат, тешко е без финснсиска помош да се развие ваков производ кој ќе се продава и на странски пазари.

„Веќе имаме соработка со странски инвеститор кој што ни отвора можност за директна продажба во Холандија, во Германија и во Белгија. Софтверот го решава проблемот на приватен клауд, односно за брзо време можеме да подигнеме готови, интегрирани апликации кои им се потребни на речиси сите средни компании“, изјави Љупчо Вангелски, управител на ИТ- компанија.

Покрај старт-ап компаниите, предвидена е поддршка од 100 илјади евра и за десет микро, мали и средни претпријатија кои имаат некаков прототип и со поддршка на фондот сакаат да настапат на пазарот.

„Фондот интензивно работи со корисниците и за време на имплементација на средствата, зашто не е лесно откако ќе ја добијат идејата да се преточи во готов производ и да се најдат потенцијалните купувачи. Затоа им даваме техничка помош, консултантски и менторски услуги за да им олесниме подобро да опстанат и по завршување на поддршката од Фондот“, изјави Јасмина Поповска, директор на Фондот за иновации.

Преку Фондот за иновации и владата досега се распределени 1,5 милиони евра директна поддршка за иновациите во земјава.

„Со зголемен интензитет продолжуваме и оваа година- за која се планирани 3,7 милиони евра за поддршка на иновации. Во моментов е актуелен четвртиот оглас на Фондот за иновации и технолошки развој за кој на располагање се 1,45 милиони евра директна поддршка за развојот на иновациите во Република Македонија“, изјави Спиро Ристовски, заменик- министер за образование.

Според Ристовски, само со развојот на иновациите може да се биде конкурентен на домашен, но и на меѓународен план.

 

Андријана Атанасовска