Потребни финансии за изучување и грижа за јазикот

21.02.2017 17:18

Македонскиот јазик е сврзно ткиво за сите нас кои живееме тука и тој не обединува да бидеме силна нација. Како и колку говориме правилно? Лингвистите со порака да го сочуваме мајчиниот јазик, тој е најголемата вредност за секоја нација.

Поголема финансиска поддршка за изучување и негување на македонскиот јазик и зголемување на фондот на часови на мајчин јазик во основното и во средното образование за да може да ја води битката со глобализацијата.

Од Институтот за македонски јазик велат дека институционално тој е застапен секаде и на сите нивоа, но недостасува поголемо вложување за јазикот да ги надмине опасностите. На меѓународниот ден на мајчиниот јазик укажуваат на фактот дека секоја година, сѐ помалку студенти се заинтересирани за катедрите по македонски јазик.

Дека мора нешто да се преземе, според Институтот, покажува и фактот што години наназад, резултатите од полагањето државна матура покажуваат послаби оценки на тестирањето по македонски јазик во однос на останатите предмети. Според нив, мора да бидат внимателни и образовните институции кои програмата ја водат на странски јазик, особено градинките, бидејќи јазикот се учи од најмала возраст.

Од овие институции велат дека обрнуваат внимание на мајчиниот јазик. Модерното време наметнува светски трендови. Така, ако треба да се направи избор на домашен или странски автор и јазик за читање, се избира втората опција.

Следното скалило кое има обврска да го зачува мајчиниот јазик и да образува како правилно се чита и пишува се медиумите. Но, и таму има недостатоци.

Мајчиниот јазик се негува и преку театрите, културните манифестации и невладиниот сектор, но најмногу дома, во секојдневната комуникација.

Во светот денес се зборуваат околу шест илјади јазици, на пола од нив им се заканува исчезнување на некои делови од земјината топка. Околу 200 земји се соочуваат со предизвикот да ги зачуваат „малите“ јазици да се зборуваат заедно со светските.

 

Катерина Топалова