Поради задоцнето комисиско мислење- три месеци без социјален надоместок

22.02.2017 10:39

Лицето со специјални потреби Сејдо Ќазимоски од Прилеп е веќе трет месец без соодветниот социјален надоместок. Доцни комисиското мислење за неговата здравствена состојба. Ќазимоски се надева состојбата ќе се реши. Поради гангрена ги загубил долните екстремитети...

45 годишниот Сејдо Ќазимоски шест години се бори со личната несреќа. Поради гангрена останал без нозе, но и без можност да работи, да почувствува животна исполнетост. Принуден е само да гледа како му поминува животот.

Зависи од сопругата, од милоста на луѓето, најмногу од институциите. Живее под кирија, без средства и можност да плаќа трошоци.

Му следуваат додатоци од државата, но три месеци доцни комисиското мислење за здравствената состојба. Од прилепскиот Центар за социјални работи признаваат дека поради пробиени рокови Ќазимноски е без постојана парична помош, додаток за мобилност и здравствена грижа.

Од Министерството за труд и социјална политика најавуваат решавање на случајот.

На 45 годишниот Сејдо Ќазимоски му останува само да чека институциите да го решат случајот и да му ја вратат надежта.

 

Елизабета Митреска